Царинската управа соопшти дека е спречен обид за меѓународен транспорт на 79 килограми марихуана преку граничниот премин „Дојран“, при што се приведени пет лица осомничени за вмешаност во нелегална трговија со дрога.
Акцијата била реализирана од мобилните тимови на Царинската управа по добиени информации од Одделот за разузнавање. При контролата бил запрен камион, а возачот, државјанин на Босна и Херцеговина, бил приведен.
Од Одделот за истраги, во координација со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, започнале предистражна постапка со цел да се утврди целата криминална мрежа и улогата на инволвираните лица.
Според досегашните сознанија, камионот претходно влегол во земјава со товар наменет за Грција, составен од железни профили. По претходен договор со лица од Северна Македонија, дрогата била натоварена на одредена локација, а потоа товарот бил запечатен со печат кој го поседувал возачот.
Возилото продолжило кон Грција преку граничниот премин „Дојран“, каде што било запрено и извршена контролата при која била откриена марихуаната.
Против петте приведени лица се поднесени кривични пријави за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги.
