По речиси 11 години од започнувањето на изградбата, Охрид конечно се очекува да го добие долгоочекуваниот затворен базен. Владата ја усвои одлуката со која се создаваат услови проектот да продолжи и да биде завршен, информираат од Министерството за спорт.
За целосно завршување на објектот обезбедени се 470 милиони денари, со што, според надлежното министерство, се надминува долгогодишниот застој на еден од најзначајните спортски инфраструктурни проекти во Охрид.
Од Министерството за спорт посочуваат дека по преземањето на надлежностите била направена детална анализа и ревизија на проектот, при што биле утврдени техничките, финансиските и административните пречки кои го забавувале неговото реализирање.
Како резултат на проверките, биле преземени мерки за надминување на проблемите, меѓу кои и измени на основниот проект, со цел да се овозможи продолжување на градежните активности.
Според Министерството, затворениот базен ќе има големо значење за развојот на спортот во Охрид и во целата држава, обезбедувајќи современи услови за тренинзи, развој на младите пливачи и организација на спортски натпревари.
