Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, заедно со раководители од општинската администрација, одржа работна средба со жителите на месната заедница село Драчево, во рамки на теренските посети низ месните и урбаните заедници.
На средбата се разговараше за реализираните проекти, како и за приоритетите што жителите ги посочија за наредниот период. Од Општина Кисела Вода информираат дека граѓаните изразиле задоволство од покривањето на каналот долж реката Мала Рада, редовното одржување на јавната хигиена и асфалтирањето на улицата „Речиште“.
Покрај досегашните активности, жителите побарале асфалтирање на дополнителен крак од улицата „Речиште“, санација на шахтите, како и поставување „Safe City“ камери на улицата „Драчевска“, кај ООУ „Св. Климент Охридски“ и на влезот во селото.
На состанокот биле отворени и повеќе комунални и административни прашања, меѓу кои чистење на дивата депонија во полето, решавање на проблемот со обележувањето и приватизирањето на катастарските парцели, како и почести инспекциски контроли на нелегалната градба.
Дополнително, жителите побарале ЈП „Комунална хигиена“ поредовно да го собира комуналниот отпад во оваа населба.
Од Општина Кисела Вода соопштија дека сите забелешки и предлози се евидентирани и ќе бидат разгледани во рамки на понатамошните активности, а теренските средби со граѓаните ќе продолжат и во останатите месни и урбани заедници.
