Турција започна да испорачува одбранбена и техничка воена помош за Саудиска Арабија како дел од поддршката во справувањето со нападите на јеменските хути, кои имаат поддршка од Иран, потврдија турски официјални претставници.
Овој чекор следува по договорот за заедничка одбрана што Турција, Пакистан и Саудиска Арабија го потпишаа во август во Мека. Со договорот е предвидено секој вооружен напад врз една од трите држави да се смета за напад врз сите членки, а оттогаш интензивно се координираат политичките и воените активности.
Пред неколку дена трите земји објавија дека започнуваат со практична примена на договорот, вклучително и можност за брзо распоредување војници и воена опрема во Саудиска Арабија.
Според турски претставник, кој зборувал под услов на анонимност, актуелната поддршка се состои од воена опрема, разузнавачка соработка и системи за вооружување, без распоредување турски војници.
Од Анкара посочуваат дека најголемиот дел од помошта, меѓу која и системи за противвоздушна одбрана, засега се реализира билатерално, бидејќи турскиот парламент сè уште не го ратификувал договорот за заедничка одбрана. По неговото усвојување, се очекува соработката дополнително да се прошири.
Во меѓувреме, силите на јеменската влада, со воздушна поддршка од коалицијата предводена од Саудиска Арабија, започнаа контраофанзива за враќање на контролата врз стратешка област во близина на теснецот Баб ел Мандеб – еден од најважните светски поморски коридори за енергетски транспорт и меѓународна трговија.
Според претходни информации на „Ројтерс“, Саудиска Арабија разгледува поширока офанзива против хутите, а најновите случувања дополнително ги зголемуваат стравувањата од ескалација на конфликтот во Јемен.
