Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека, според него, во моментов не е јасно кој ја води иранската држава, оценувајќи дека врвот на власта е сериозно нарушен по осум месеци војна меѓу САД, Израел и Иран.
„Нивните лидери ги нема, ја нема ни втората линија на раководство, а најголемиот проблем е што никој не знае кој, по ѓаволите, управува со земјата“, изјави Трамп.
Од Техеран веднаш реагираа на ваквите тврдења. Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи порача дека САД добро знаат како функционира политичкиот систем во Иран и кој ги носи одлуките.
Според него, вистинскиот проблем не е во Иран, туку во „неусогласените и противречни пораки“ што доаѓаат од американските претставници.
Војната меѓу САД, Израел и Иран започна на 28 февруари, кога во американско-израелските напади беше убиен врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи. За негов наследник беше избран синот Моџтаба Хамнеи, кој, според достапните информации, не се појавил во јавноста откако бил ранет во истиот напад.
Во меѓувреме, Иран возврати со напади врз Израел и врз американски воени бази во земјите од Персискиот Залив, а конфликтот продолжува да предизвикува сериозни последици.
Според досегашните информации, во нападите врз Иран и Либан загинале илјадници луѓе, додека милиони биле принудени да ги напуштат своите домови.
Војната има последици и врз американската политика. Растот на цените на горивата, поттикнат од конфликтот, создава дополнителен притисок врз Републиканската партија пред ноемвриските меѓуизбори, на кои ќе се одлучува за контролата врз Конгресот.
Во исто време, анкетите покажуваат пад на рејтингот на Доналд Трамп, при што високите трошоци за живот и поскапувањето на бензинот и дизелот остануваат меѓу главните грижи на американските граѓани.
