Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување едногласно ги усвои измените на правилата за утврдување на привремена спреченост за работа, по што од Фондот појаснија дека боледувањето нема да биде ограничено на пет дена.
Од ФЗО нагласуваат дека пациентите нема автоматски да мора да се вратат на работа по истекот на петтиот ден. Промената од седум на пет дена се однесува само на периодот во кој матичниот лекар може да отвори боледување без дополнителна примена на медицинските критериуми предвидени за конкретната дијагноза.
Доколку здравствената состојба бара подолго отсуство, боледувањето ќе продолжи согласно медицинските критериуми. Матичниот лекар и понатаму ќе може да утврди привремена спреченост за работа до 15 дена, додека за подолги периоди ќе одлучува лекарска комисија на Фондот.
Со новите правила се воведуваат и административни олеснувања за пациентите и лекарите. Кај одредени дијагнози нема да биде задолжително дополнително лабораториско испитување, туку матичниот лекар ќе може сам да ја процени потребата врз основа на здравствената состојба.
По истекот на 15 дена, документацијата до лекарската комисија ќе се доставува електронски, со што се очекува да се намали потребата пациентите лично да носат документи низ здравствените установи.
Измените предвидуваат и проширување на можностите за утврдување боледување без физичко присуство на пациентот, особено за тешко болни, неподвижни и тешко подвижни лица, пациенти кои се на болничко лекување и други оправдани случаи.
За лицата со хронични заболувања ќе може да се користат постојните медицински наоди доколку тие сè уште се важечки, без непотребно повторување на веќе направени испитувања.
Дополнително се прецизираат правилата за ретроактивно отворање боледување во оправдани ситуации, како и олеснувања за бремени жени и доилки при испитувања поврзани со јонизирачко зрачење.
Од ФЗО велат дека целта на измените е осовременување на критериумите кои во голем дел датираат од 2012 година, како и намалување на административните обврски за пациентите и матичните лекари.
