Протестот пред Собранието на Косово во Приштина вчера ескалираше во судири меѓу демонстрантите и полицијата, откако дел од учесниците се обидоа да го блокираат објектот и да спречат пратениците да го напуштат парламентот.
Демонстрантите бараа усвојување на измените на законот за Специјалниот суд во Хаг. Во еден момент, според регионалните медиуми, кон зградата на парламентот биле фрлани пиротехнички средства, а биле запалени и контејнери. Полицијата одговорила со солзавец и интервенција за растерување на толпата.
Претходно, измените на законот беа усвоени во прво читање, но нивното конечно изгласување останува неизвесно. Средбата меѓу косовскиот премиер Албин Курти и лидерот на Демократската партија на Косово (ДПК), Бедри Хамза, не донела договор за продолжување на постапката и гласање во второ читање.
Од ДПК тврдат дека Курти поставил услов измените да бидат ставени на гласање само по претходен избор на претседател на Косово.
Иницијативата на ДПК за измени на законот за Специјалниот суд, меѓу другото, предвидува ограничување на максималната казна на 15 години затвор, можност за жалба пред Врховниот суд и издржување на казната во Косово.
Косовската полиција соопшти дека интервенирала за да им овозможи на пратениците и функционерите безбедно да ја напуштат зградата, откако демонстрантите го блокирале влезот и излезот од објектот.
Според полицијата, за време на протестот биле фрлани предмети и пиротехнички средства кон институциите, а причинета била и материјална штета поради палење контејнери. Во интервенцијата биле повредени шест полицајци, додека 11 граѓани побарале медицинска помош.
По интервенцијата, полициските единици за контрола на масовни нереди ги потиснале демонстрантите подалеку од зградите на владата и парламентот.
