Дваесет и четиригодишен маж е осомничен дека ја избодел до смрт својата баба во задарската населба Станови, објавија хрватските медиуми повикувајќи се на неофицијални информации.
Од полицијата информираат дека денеска во 13:53 часот добиле пријава за повредено лице во стан во тој дел од градот. Веднаш биле испратени полициски службеници и екипи за итна помош, а во станот била пронајдена жена која, и покрај укажаната помош, им подлегнала на повредите.
Лицето кое се поврзува со нападот било приведено од полицијата.
Според неофицијалните информации, 24-годишникот и неговата баба не живееле заедно, а тој пристигнал во нејзиниот стан каде се случил нападот.
„Во тек е криминалистичка истрага, а на местото на настанот се врши увид во соработка со надлежното Државно обвинителство во Задар“, соопштија од полицијата.
Засега не се познати мотивите за нападот, ниту деталите што му претходеле на трагичниот настан. Истражителите продолжуваат со собирање докази за целосно расветлување на случајот.
