Грејната сезона 2026/2027 за корисниците приклучени на системот за централно греење во Скопје официјално започнува на 15 октомври, соопшти АД ЕСМ.
Сепак, согласно важечката регулатива, испораката на топлинска енергија може да започне и во периодот од 1 до 15 октомври доколку прогнозата за средната дневна надворешна температура за наредниот ден изнесува 12 Целзиусови степени или пониско. Одлуката се носи врз основа на прогнозите на Управата за хидрометеоролошки работи.
До официјалниот почеток на сезоната, ЕСМ Снабдување секојдневно ќе информира дали се исполнети условите за почеток на испораката на топлинска енергија, во согласност со одлуките на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.
Од компанијата ги повикуваат потрошувачите навреме да ги завршат сите поправки на внатрешните грејни инсталации, бидејќи нивното одржување е обврска на самите корисници. По завршувањето на интервенциите, тие треба веднаш да бидат пријавени во Центарот за грижа на потрошувачи.
За непречено функционирање на системот потребно е да се обезбеди пристап до топлинските потстаници, како и редовно снабдување со електрична енергија. Од заедниците на сопственици се бара навремено да ги подмират сметките за струја и да проверат дали заедничките инсталации се исправни.
За дополнителни информации, пријавување дефекти и известување за завршени интервенции, граѓаните можат да се обратат во Центарот за грижа на потрошувачи на телефоните 02 3076 200 и 075 400 100, како и во службите на ЕСМ Енергетика на 02 3104 816 и 02 3104 872.
