Британската велосипедистка и олимписка шампионка Кејти Марчант објави дека ја завршува професионалната кариера, иако неодамна ги постигна најголемите успеси во спортот.
Триесет и тригодишната Марчант зад себе остава богата кариера исполнета со медали. По бронзата во спринт на Олимписките игри во Рио во 2016 година, таа во 2024 година ја освои европската, светската и олимписката титула во тимски спринт, комплетирајќи една од најуспешните сезони во кариерата.
Иако првично планирала да настапува до Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година, на крајот решила дека повеќе не сака да ги прави жртвите што ги бара врвниот спорт.
„Постигнав повеќе отколку што некогаш можев да замислам. Горда сум на сè што направив и сакав кариерата да ја завршам под мои услови“, изјави Марчант.
Таа откри дека по последните натпревари почувствувала дека дошло време за ново животно поглавје, бидејќи повеќе немала мотивација да се врати на интензивните тренинзи и подготовките.
По завршувањето на спортската кариера, Марчант ќе се пресели на семејната фарма во близина на Лидс, каде што ќе му помага на сопругот Роб во секојдневните работи.
Со насмевка призна дека едвај чека да седне зад воланот на трактор и да започне сосема поинаков начин на живот.
„Сигурно ќе возам трактор. Сакам да го затворам ова поглавје и со оптимизам да гледам кон иднината“, порача олимписката шампионка.
