Скопје синоќа беше центар на културните случувања со одржувањето на 22. издание на манифестацијата „Бела ноќ“, која донесе богата програма исполнета со концерти, изложби, театарски претстави, перформанси и мултимедијални настани на повеќе локации низ градот.
Плоштадите, улиците, музеите, галериите и Старата скопска чаршија се претворија во отворена сцена, привлекувајќи голем број посетители кои уживаа во програмата до раните утрински часови.
Еден од најпосетените настани беше концертот на Игор Џамбазов и „Гуру Харе бенд“ на платото пред Националната опера и балет. Забавата продолжи и по полноќ со настапи на диџеи и електронска музика на повеќе локации во градот.
Покрај музичката програма, посетителите имаа можност да разгледаат изложби, да проследат уметнички и театарски перформанси, како и мултимедијални проекти. Во рамки на манифестацијата, дел од музеите и културните институции беа отворени за посетители.
За полесно движење низ градот, јавниот превоз беше бесплатен од 18:00 часот на 3 октомври до 5:00 часот на 4 октомври, додека угостителските објекти работеа два часа подолго од вообичаено.
