Комесарот на Министерството за затвори во американската сојузна држава Тенеси, Френк Страда, ќе поднесе оставка по неуспешното извршување на смртна казна, при кое осудена затвореничка останала жива и била пренесена во болница во критична состојба.
Оставката ја објави гувернерот на Тенеси, Бил Ли, кој истовремено најави дека сите понатамошни егзекуции во државата ќе бидат суспендирани до крајот на годината, додека трае независна ревизија на процедурите.
Криста Пајк (50) требало да биде погубена со смртоносна инјекција, но постапката не завршила според планот. Според сведоци кои ја следеле егзекуцијата, таа по добивањето на инјекцијата останала жива повеќе од еден час, а биле слушнати звуци на дишење.
По прекинот на постапката, Пајк била пренесена во болница, каде била во критична состојба, без свест и приклучена на апарат за дишење. Нејзините адвокати изјавиле дека лекарите се обидувале да го отстранат лекот од нејзиниот организам.
Според адвокатите, проблемите настанале при поставувањето на интравенската линија. Тие тврдат дека медицинскиот персонал се обидел повеќепати да постави игла, по што на нејзините раце се појавиле отоци, изгореници и плускавци.
Адвокатите претходно предупредувале дека поради нејзината здравствена состојба и проблеми со вените, постапката може да предизвика дополнително страдање.
Гувернерот Бил Ли изјави дека му се заблагодарува на Страда за неговата работа, додека самиот Страда оцени дека Министерството за затвори ги исполнило своите обврски според постојните протоколи.
Според Информативниот центар за смртна казна, Криста Пајк е првата позната затвореничка во САД која преживеала откако ѝ била дадена смртоносна доза лекови наменети за егзекуција.
Пајк беше осудена на смртна казна за убиството на 19-годишната Колин Слемер во 1995 година. Таа имала 18 години во моментот на злосторството, кога заедно со тогашниот партнер ја нападнала и убила жртвата во камп за стручно оспособување.
Нејзиниот случај предизвика дополнителни дебати за смртната казна кај лица кои биле многу млади во моментот на извршување на злосторството, а одбраната бараше помилување повикувајќи се на нејзината возраст и проблеми со менталното здравје.
