Скопје утревечер ќе живее во ритамот на „Бела ноќ“, а за посетителите се обезбедени и неколку поволности што ќе овозможат манифестацијата да трае подолго и полесно да се посетуваат различните локации.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека по повод „Бела ноќ“ работното време на угостителските објекти на подрачјето на градот ќе биде продолжено за два часа.
Бесплатен ќе биде и автобускиот превоз со возилата на ЈСП. Граѓаните ќе можат бесплатно да се превезуваат од 18 часот на 3 октомври до 5 часот на 4 октомври. Без наплата ќе биде и влезот во Зоолошката градина Скопје.
Манифестацијата ќе се одржи на 3 октомври, од 19 до 3 часот, а програмата ќе опфати повеќе градски локации. Плоштадите, мостовите, галериите, музеите и Старата скопска чаршија ќе бидат дел од вечерта исполнета со музика, уметност и различни културни содржини.
Како што најави Ѓорѓиевски, настани ќе има на плоштадот „Мајка Тереза“, на платото пред Македонската опера и балет, во МКЦ, на Мостот на уметноста, на Боемска улица и во Старата скопска чаршија.
Во програмата се вклучени и Музејот на Град Скопје, „Аудио Култура“, Домот на градежници, „Мала станица“, ДКЦ „Карпош“, Градската библиотека, Чифте амам, улицата „Македонија“ и Музејот на современа уметност.
Од Градот ги повикуваат граѓаните да ја искористат можноста за посета на повеќе локации и да ја проследат програмата заедно со семејствата и пријателите.
Ѓорѓиевски порача дека „Бела ноќ“ е настан наменет за сите генерации и повика скопјани на 3 октомври да ги исполнат градските улици и да бидат дел од вечерта посветена на културата, музиката и дружењето.
