Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Скопје оствари средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која престојува во официјална посета на земјава.
На средбата, Сиљановска-Давкова ја поздравила посветеноста на Европската унија кон Западен Балкан и посебно го истакнала придонесот на Фон дер Лајен во поддршката на европската перспектива на регионот.
Според македонската претседателка, Македонија, иако не е меѓу земјите од Западен Балкан кои формално се сметаат за најнапредни во евроинтегративниот процес, според техничката подготвеност и усогласеноста со европската надворешна и безбедносна политика заслужува да има место меѓу нив.
Сиљановска-Давкова оценила дека застојот во европските интеграции е поврзан со тоа што билатералниот спор добил предност во однос на исполнувањето на Копенхашките критериуми. Таа посочила дека еднакви можности за Македонија во процесот на пристапување, како што им се овозможуваат на Украина и Молдавија, би придонеле за зајакнување на институциите, поголема доверба во процесот и дополнителна мотивација за спроведување на реформите.
Во разговорот била нагласена и потребата од одржување политичка Меѓувладина конференција, согласно новата методологија и Преговарачката рамка, како и одржување редовен состанок на Советот за стабилизација и асоцијација.
Целта, како што било истакнато, е европскиот интеграциски процес да има конкретна динамика и да донесе видливи резултати за граѓаните.
Фон дер Лајен на средбата порача дека местото на Македонија е во Европската унија и дека Унијата ќе продолжи да ја поддржува земјата во реформите и на патот кон членство. Таа досегашниот напредок во реформите го оцени како импресивен.
Претседателката на Европската комисија истовремено ја нагласила потребата од деблокирање на европскиот пат на земјава и посочила дека прашањата меѓу Македонија и Бугарија можат да се надминат преку интензивен политички дијалог и почести средби меѓу двете страни.
