Министерството за надворешни работи и надворешна трговија денеска официјално побара средба меѓу шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски и неговата бугарска колешка Велислава Петрова-Чамова.
Средбата би се одржала следната недела во рамки на министерскиот состанок посветен на Коридорот 8, кој ќе се одржи во Софија.
Од Министерството за МНР и надворешна трговија за МИА потврдиле дека барањето за средба е веќе испратено.
Иницијативата следува по вчерашната посета на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на Скопје и нејзината средба со премиерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски на заедничката прес-конференција со Фон дер Лајен откри дека од неа добил совет како прв чекор да се иницира директна билатерална средба со бугарската страна.
„Од претседателката добив совет веќе следната недела нашиот министер за надворешни работи и надворешна трговија е во Софија, причина за тоа е Коридорот 8 и проектите коишто ги движиме во рамките на тој Коридор 8, да побараме од домаќинот средба на билатерална основа. Јас веднаш побарав од министерот да испрати дипломатска нота и да побара време за средба и состанок со неговата колешка и да почнеме, процесот од некаде да го движиме“, изјави Мицкоски.
Премиерот претходно истакна дека Македонија очекува Европската Унија да помогне во создавањето услови за одржливо решение во односите со Бугарија, но без да зазема страна.
Според Мицкоски, потребно е договореното да биде јасно, обврските да важат за сите и пристапниот процес да не биде повторно предмет на нови билатерални условувања.
Тој нагласи дека целта не е одложување на евроинтегративниот процес, туку создавање услови за негово придвижување на стабилна и предвидлива основа.
