Премиерот Христијан Мицкоски побара Европската Унија активно да се вклучи во разговорите меѓу Македонија и Бугарија и да помогне во создавање услови за одржливо решение, во кое обврските ќе бидат јасно дефинирани и ќе важат за сите страни.
На заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Владата, Мицкоски изјави дека биле отворени разговори и за предизвиците во односите со Бугарија.
„Нашата желба е тие прашања да се надминуваат низ дијалог, во добра волја и со заемно почитување. Очекуваме да биде вклучена и ЕУ во овој процес, но не бараме од Унијата да зазема страна. Бараме да помогне во создавање услови за одржливо европско решение во кое договореното ќе биде јасно, обврските ќе важат за сите, а процесот на пристапување повторно да не биде отворен за нови билатерални условувања“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека секое решение треба да обезбеди сигурност дека со исполнувањето на договореното се затвора една фаза и се отвора следната, без можност за нови толкувања или дополнителни барања.
Според премиерот, доколку од Македонија се очекуваат одлуки со долгорочни последици, тогаш оправдано е да се очекува и јасна европска перспектива за понатамошниот тек на процесот.
Мицкоски нагласи дека стратешката определба на државата за членство во Европската Унија останува непроменета и дека Владата продолжува со реформите во владеењето на правото, јавната администрација, деловната клима, дигитализацијата и образованието.
„Она што денес го бараме е процес кој ќе биде фер и заснован на јасни правила. Ние ги завршуваме нашите обврски и спроведуваме реформи што се очекуваат од една земја која сака да стане членка на Европската Унија“, изјави премиерот.
Тој ја оцени средбата со Фон дер Лајен како отворена и содржајна, со фокус на реформите, динамиката на пристапниот процес и предизвиците што со години го оптоваруваат европскиот пат на Македонија.
На средбата било посочено и дека Европската комисија позитивно ги оценила спроведените реформи, што овозможува понатамошно користење на средствата од Планот за раст и забрзување на економското приближување кон Унијата.
Мицкоски додаде дека европската интеграција не се однесува само на политичките прашања, туку и на подобрување на секојдневниот живот на граѓаните преку инвестиции, инфраструктура, пристап до европскиот пазар и повеќе можности за младите.
„Планот за раст е поставен токму врз оваа логика – постепено приближување кон единствениот пазар, забрзување на реформите и економска конвергенција со Унијата. Коридорот 8 е добар пример како европската интеграција од политичка цел се претвора во патишта, железници, трговија и поврзаност меѓу луѓето“, истакна Мицкоски.
