Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска престојува во официјална посета на Скопје, во рамки на нејзината турнеја низ земјите од Западен Балкан.
Според владината агенда, Фон дер Лајен најпрво ќе има тет-а-тет средба со премиерот Христијан Мицкоски, по што ќе следува заедничка прес-конференција во Медија центарот на Владата.
Во пресрет на посетата, Мицкоски порача дека Владата останува отворена за разговори и изнаоѓање решение за евроинтегративниот процес, нагласувајќи дека позициите на државата се јасни.
„Подготвени сме да разговараме, да дебатираме и на крајот да најдеме решение“, изјави премиерот, отфрлајќи ги обвинувањата дека Владата го блокира европскиот пат поради неприфаќањето на уставните измени.
Во текот на денот, претседателката на Европската комисија ќе се сретне и со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Вила Водно, каде што ќе се разговара за европската перспектива на Македонија, регионалните процеси и пристапувањето кон Европската Унија.
Се очекува една од главните теми на разговорите да биде и спорот со Бугарија, како и можностите за надминување на застојот во евроинтегративниот процес.
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски претходно изјави дека Македонија останува посветена на изнаоѓање решение, но само доколку тоа обезбеди предвидлив и сигурен процес на пристапување во ЕУ. Тој оцени дека постои подготвеност кај европските институции и дел од земјите членки да помогнат во интензивирање на дијалогот, но потенцираше дека во моментот нема услови за уставни измени поради ставовите на Бугарија.
Посетата на Скопје е дел од регионалната турнеја на Фон дер Лајен, во чии рамки таа веќе ги посети Албанија, Црна Гора и Косово. Овојпат Србија и Босна и Херцеговина не се вклучени во нејзината агенда поради претстојните изборни процеси во двете земји.
