Во Македонија во текот на 2026 година, заклучно со 29 септември, се регистрирани вкупно 71 случај на Западно-нилска треска, покажуваат најновите податоци на Институтот за јавно здравје.
Од вкупниот број заболени, 66 случаи се потврдени, додека пет се водат како веројатни, согласно дефиницијата за следење на болеста.
Најголем број заболени има во Скопје, каде се евидентирани 63 случаи. Од нив, 48 се жители на град Скопје, а 15 се од околните општини. Три случаи се регистрирани во Велес и околината, два во Кавадарци и Росоман, а по еден случај има во Куманово, Свети Николе и Тетово.
Според Институтот за јавно здравје, 70 од случаите се автохтони, односно заразувањето се случило во земјата, додека еден случај е поврзан со патување во Грција, но периодот на инкубација опфаќа и престој во Македонија.
Меѓу заболените доминираат мажите. Од вкупниот број случаи, 52 лица или 73,2 проценти се машки, а 19 или 26,8 проценти се женски.
Најзасегната е повозрасната популација. Дури 58 заболени, односно 81,7 проценти од случаите, се лица над 60 години. Седум случаи се кај лица од 50 до 59 години, два кај лица од 40 до 49 години, еден кај лице од 30 до 39 години и три кај лица од 20 до 29 години.
Просечната возраст на заболените е 66,5 години, при што најмладиот регистриран случај е на 25 години, а највозрасниот на 85 години.
Најголем број случаи со појава на симптоми се забележани во август. Во тој месец се регистрирани 39 случаи или 54,9 проценти од вкупниот број. Во септември почеток на симптоми е евидентиран кај 12 лица, во јули кај 17, во јуни кај две лица, а во мај кај еден случај.
