Македонија се вброи меѓу европските пазари со најголем раст на патничкиот воздушен сообраќај во август годинава, покажува најновиот извештај на Европското здружение на аеродроми (ACI EUROPE), кој ги анализира резултатите за август 2026 година во споредба со истиот месец лани.
Според извештајот, Меѓународниот аеродром Скопје во август забележал раст на патничкиот сообраќај од 34,8 проценти во однос на август 2025 година, со што се позиционира меѓу најбрзорастечките средни аеродроми во Европа, односно аеродроми со меѓу еден и десет милиони патници годишно.
Со овој резултат, Скопје се најде на петтото место во Европа, зад Братислава (75,9 проценти), Трапани (52,3), Подгорица (47,6), а пред Палермо (32,3 проценти).
Извештајот наведува дека Македонија е меѓу земјите надвор од Европската Унија со највисок раст на воздушниот сообраќај. Во оваа категорија, покрај Македонија (+34,8%), двоцифрен раст бележат и Црна Гора (+28,6%), Албанија (+20,7%), Израел (+19,5%), Ерменија (+14,2%), Молдавија (+12,6%) и Узбекистан (+10,5%).
Од ACI EUROPE посочуваат дека аеродромите надвор од ЕУ покажале посилен раст поради зголемената побарувачка на пазарите во развој, иако резултатите се разликуваат и поради геополитичките случувања.
Во рамките на земјите од ЕУ+, најголем раст на патничкиот сообраќај во август е регистриран во Словачка (+61%), Словенија (+19,3%), Естонија (+16,4%), Унгарија (+13%) и Малта (+12,3%). Од друга страна, најслабите резултати ги забележале Исланд (-9,3%), Австрија (-6%), Франција (-1,7%), Кипар (-1,59%), Норвешка (-0,3%) и Германија (-0,2%).
Кај најголемите европски пазари, највисок раст е забележан во Италија (+5,2%) и Шпанија (+4,7%), главно благодарение на силната туристичка побарувачка, додека Обединетото Кралство (+0,9%), Франција и Германија остануваат под европскиот просек.
На европско ниво, патничкиот воздушен сообраќај во јули пораснал за 3,9 проценти, а во август за 3,1 процент, што претставува забрзување во однос на вториот квартал од годинава, кога растот изнесувал 1,3 проценти и бил под влијание на конфликтите на Блискиот Исток.
