Основниот кривичен суд Скопје се соочува со сериозен недостиг на судии, судски службеници и поротници, но и покрај кадровските предизвици, бележи значително намалување на бројот на старите предмети и на застарените кривични постапки. Ова беше соопштено на денешниот брифинг со новинарите во Судот.
Во моментов во Кривичниот суд постапуваат 53 судии, при што осуммина се постари од 59 години, а петмина имаат над 64 години. Од Судот предупредуваат дека во следните три години дел од нив ќе заминат во пензија, а не се очекува брзо пополнување на испразнетите места поради недостиг на нови генерации од Академијата за судии и јавни обвинители.
Недостигот е уште поизразен кај судската администрација. Од систематизираните 628 работни места, пополнети се само 208. Само во текот на оваа година се пензионирале 13 вработени, додека во периодот од 2020 до 2025 година бројот на службеници е намален за 131.
Проблем има и со судските поротници. Наместо потребните 70, во моментов активни се 52 поротници.
И покрај ова, Судот бележи значителен напредок во намалувањето на старите предмети. Нивниот број е намален за околу 59 проценти – од 896 предмети во август 2025 година на 368 во август 2026 година.
Според статистиката, во 2022 година застареле 16 кривични предмети, во 2023 година – 18, во 2024 година – 26, а во 2025 година – 20. Во првите девет месеци од 2026 година застареле шест предмети, при што од Судот посочуваат дека дел од застарувањата во претходните две години биле последица на измените на Кривичниот законик.
Во Специјализираното одделение годинава нема ниту еден застарен предмет.
Паралелно, Кривичниот суд продолжува со процесот на дигитализација. Во тек е електронско поврзување со Агенцијата за катастар на недвижности, а се тестира и алатка базирана на вештачка интелигенција за анонимизација на судските одлуки, развиена во соработка со „Бреинстер“. Од Судот најавија дека ќе побараат од Судскиот совет одобрение за нејзина официјална примена.
