Премиерот Христијан Мицкоски најави дека ќе побара разрешување на директорот и на членовите на Управниот одбор на Историскиот музеј во Крушево, по реакциите во јавноста за снимањето на комерцијален музички спот во споменичкиот комплекс „Македониум“.
Според информациите, просторот на споменикот, кој е еден од најзначајните симболи на Илинденското востание и местото каде што почива Никола Карев, бил искористен како локација за снимање на рап-видео запис, за што установата наводно наплатила околу 500 евра.
Мицкоски оцени дека станува збор за недозволив пропуст и упати извинување до граѓаните.
„Навистина, тоа што таму се случило претставува нешто што не требало да се случи. Ќе побарам од министерот за култура и туризам да биде разрешен директорот на таа институција, заедно со Управниот одбор, бидејќи таков тип на институции не треба да бидат изнемоштени и користени за такви намени. Им се извинувам на граѓаните за направениот пропуст и ќе се трудиме во иднина ова да не се повтори“, изјави премиерот.
Случајот предизвика бројни реакции во јавноста и повторно го отвори прашањето за користењето на културно-историските споменици за комерцијални цели, како и за потребата од појасни правила и процедури при одобрување вакви активности.
