Во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжува судењето за предметот „Државна лотарија“, во кој обвинети се поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, поранешниот директор на АД „Државна лотарија“ Перпарим Бајрами и уште неколку лица.
На денешното рочиште се очекува Јавното обвинителство да продолжи со изведување на материјалните докази, откако на претходната расправа беше презентирана обемна документација поврзана со основањето на заедничко друштво со странски партнер, владините одлуки и финансиските трансакции за набавката на видеолотариски терминали (ВЛТ).
Меѓу доказите што веќе беа презентирани се Програмата за работа на АД „Државна лотарија“ за 2023 година, договор за дело, проценка за вредноста и исплатливоста на инвестицијата во ВЛТ-апарати, како и анализа за потребата од самостојно приредување електронски игри на среќа. Во судницата беа разгледани и документи од владината седница од 6 јуни 2023 година, вклучително и стенографски белешки, записници, заклучоци и мислења од Министерството за финансии.
Обвинителството приложи и банкарска документација, девизни налози, аналитички картички за повеќе економски оператори, како и фактури, сметки и испратници поврзани со набавката на видеолотариските терминали.
Покрај Груби и Бајрами, кои претходно беа во бегство, а потоа им се предадоа на македонските власти, обвинети во предметот се и Башким Авди, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски.
Според обвинението, тие со пречекорување на службените овластувања предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ во висина од 596.125.511 денари. Сите обвинети досега се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за делата што им се ставаат на товар.
Обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, а судската постапка ја води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски.
