Најмалку 26 лица се повредени во текот на ноќта во руски напади врз украинските градови Харков и Киев, соопштија украинските власти.
Најтешко погоден бил Харков, каде според локалните власти се повредени 22 лица, меѓу кои и осум деца. Во нападот бил погоден станбен објект во населбата Салтивски, при што биле уништени два ката од зградата.
Градоначалникот Игор Терехов соопшти дека бројот на повредени се зголемил во текот на ноќта, додека спасувачките екипи продолжуваат со расчистување на урнатините и пребарување на теренот.
Во главниот град Киев, во нападите биле повредени четири лица. Според украинските власти, оштетени се објекти во четири градски области, а во деловни згради избувнале пожари.
Надлежните служби и натаму работат на проценка на штетите и санирање на последиците од нападите.
