Во центарот на Скопје денеска се одржа протестен марш во поддршка на поранешниот претседател на Косово, Хашим Тачи, како и на Јакуп Красниќи, Реџеп Селими и Кадри Весели, поранешни водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК), кои неодамна беа осудени од Специјализираниот совет во Хаг.
Протестот започна во 14 часот кај споменикот „Скендербег“, а учесниците носеа транспаренти со пораки „Слобода“ и „Правда“.
На собирот присуствуваа и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, како и претседателот на Албанскиот сојуз, Зијадин Села.
Организаторите соопштија дека на протестот биле поканети семејства на загинати, ветерани, воени инвалиди, поранешни затвореници и политички прогонувани лица, како и претставници на верските заедници, академската јавност и граѓанскиот сектор.
Потсетуваме, на 16 септември Специјализираниот совет во Хаг ги прогласи Хашим Тачи и Јакуп Красниќи за виновни и им изрече казна затвор од по 25 години. Кадри Весели беше осуден на 18 години затвор, додека Реџеп Селими доби казна од 13 години.
Судскиот совет ги прогласи за виновни за повеќе воени злосторства, додека за обвиненијата за злосторства против човештвото беа ослободени. Пресудата не е правосилна и може да биде обжалена.
