Во текот на ноќта во СВР Скопје било пријавено дека со употреба на сила било провалено во објект на станица за технички преглед на улицата „Александар Урдаревски“ во скопската општина Чаир.
Според пријавата, провалата се случила во периодот од 15:00 часот на 26 септември до 02:42 часот на 27 септември. Од канцеларијата на раководителот бил одземен ресиверот од системот за видеонадзор.
Полициски службеници излегле на местото и при увидот утврдиле дека со употреба на сила било влезено и во експозитура на банка, како и во канцеларија на Министерството за внатрешни работи, кои се наоѓаат во рамките на истиот објект.
Од овие простории, според првичните информации, не биле одземени предмети или пари.
СВР Скопје извршил увид, а полициските службеници преземаат мерки за расчистување на случајот и идентификување на сторителот.
