Пиперки и трпезно грозје вратени од Бугарија и Црна Гора, откако во тие земји биле утврдени остатоци од пестициди над дозволените граници, биле пуштени во промет во Македонија по дополнителни лабораториски анализи.
Според Агенцијата за храна и ветеринарство, во изминатите три месеци во земјава биле вратени четири пратки – три со пиперки и една со црно трпезно грозје. По враќањето, АХВ извршила дополнителни контроли, при што домашните анализи не покажале присуство на резидуи од пестициди.
Две пратки пиперки од Бугарија биле анализирани во акредитирани лаборатории, а мостри од втората пратка биле испитувани и во државната фитосанитарна лабораторија и во лабораторија во Струмица. Резултатите биле негативни, по што пратките биле ослободени за промет или понатамошна преработка.
И 14 тони црно трпезно грозје вратено од Црна Гора по дополнителните анализи било ослободено за промет или преработка.
За разлика од нив, пратката со црвена пиперка „куртовска капија“ вратена од Хрватска била нештетно уништена.
Во истиот период АХВ добила и четири известувања од Хрватска преку Европскиот систем за брзо предупредување за храна, кои се однесуваат на речиси 50 тони македонско овошје и зеленчук, меѓу кои сливи и пиперки. Дел од пратките биле уништени, а дел задржани на граница и не биле пуштени во промет.
