Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против 42-годишна инспекторка од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), која е осомничена за кривичното дело „Примање поткуп“.
Според Обвинителството, осомничената како службено лице – инспектор за храна, во периодот од 17 до 25 септември побарала и примила поткуп од 250 евра од управител на правно лице.
За возврат, таа требало да изготви записник во кој ќе констатира дека при извршениот инспекциски надзор не се утврдени неправилности и дека објектот ги исполнува сите законски услови и процедури за работа.
По прибирањето на доказите, Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против осомничената.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор, поради опасност од бегство, можност за влијание врз оштетениот и сведоците, како и ризик од повторување на делото со оглед на службената позиција што ја извршувала.
