Американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг го завршија тридневниот самит во Вашингтон со пораки за стабилност и продолжување на дијалогот, но без значителен напредок за најчувствителните прашања во односите меѓу двете светски сили.
Најконкретниот резултат од разговорите е договорот американско-кинеското трговско примирје да биде продолжено за уште два месеца. Договорот, кој требаше да истече на 10 ноември, ќе им овозможи на двете страни да продолжат со преговорите за поширок трговски договор.
Американскиот трговски претставник Џејмисон Грир соопшти дека е постигната согласност одредени категории производи да бидат изземени од трговските ограничувања. Меѓу нив се дел од американските земјоделски производи и медицинската опрема што се извезуваат во Кина, како и потрошувачки и други нечувствителни производи што САД ги увезуваат од кинескиот пазар. Повеќе детали за договореното се очекуваат во понеделник.
Покрај економските теми, двајцата лидери разговарале и за конфликтите во Иран и Украина, состојбата на Корејскиот Полуостров и развојот на вештачката интелигенција. Според американскиот амбасадор во Кина, Дејвид Пердју, Трамп побарал Пекинг да не обезбедува директна или индиректна поддршка за Иран. Од кинеска страна беше повторен повикот за дипломатско решавање на кризите, без дополнителни информации за конкретни обврски.
Прашањето за Тајван останува една од главните точки на несогласување. Кина побарала САД појасно да се спротивстават на независноста на островот и да ја прекинат продажбата на оружје, додека Вашингтон не најави промени во својата досегашна политика.
По завршувањето на самитот, Си Џинпинг оцени дека односите меѓу двете земји треба да се темелат на меѓусебно почитување, правичност и реципроцитет, додека Доналд Трамп изрази уверување дека разговорите ќе донесат придобивки за американските земјоделци, без да соопшти конкретни детали.
Според најавите, Трамп и Си до крајот на годината ќе имаат уште две средби – на форумот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во Кина во ноември и на самитот на Г20 во Мајами во декември.
