Делегација на Групата за пријателство Франција – Балкан при Сенатот на Француската Република престојува во дводневна посета на Северна Македонија, при што ќе оствари повеќе средби со државниот врв, пратеници и претставници на институции.
Делегацијата ја предводи претседателката на Групата за пријателство, Марта де Сидрак, а во неа се и Арно Базен, претседател-надлежен за Северна Македонија, како и сенаторите Ален Милон и Лоранс Арибе.
Во рамки на посетата, француските сенатори се сретнаа со претседателот на Собранието, Африм Гаши, а разговараа и со членовите на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Француската Република. Дел од агендата беше и посетата на Францускиот институт во Скопје.
Вториот ден од посетата е предвидена средба со учениците во Француското интернационално училиште во Скопје, како и разговори со пратениците од Националниот совет за евроинтеграции.
Француската делегација ќе биде примена и од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, со која ќе разговара за билатералните односи и европската перспектива на земјата.
Посетата ќе заврши со положување венец на Француските воени гробишта во Скопје, во чест на француските војници загинати на Источниот фронт.
Од француска страна оценуваат дека посетата претставува потврда за добрата парламентарна соработка меѓу двете земји и можност за продлабочување на билатералните односи, како и за размена на мислења околу процесот на европска интеграција на Северна Македонија, кој Франција продолжува да го поддржува.
