Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, заедно со директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, денеска им додели сертификати на учесниците од втората обука во рамки на Регионалната програма за сертификација на водичи на службени кучиња за мириси на производи за 2026 година.
Во своето обраќање, Јанев нагласи дека ваквите обуки не се само можност за стекнување нови знаења и вештини, туку и пример за успешна регионална соработка, размена на искуства и јакнење на полициските капацитети.
Тој истакна дека службените кучиња и нивните водичи имаат значајна улога во откривањето дрога, оружје, експлозиви и други недозволени предмети, како и во одржувањето на јавниот ред и безбедноста и извршувањето на сложени полициски задачи.
Според Јанев, Единицата за службени кучиња при Министерството за внатрешни работи во текот на годинава остварила значајни оперативни резултати.
„Само во 2026 година, тимовите со службени кучиња беа ангажирани во над 250 случаи за откривање експлозиви и експлозивни направи, како и во бројни случаи за откривање опасни дроги, оружје и муниција. Тоа се резултати зад кои стојат професионалност, дисциплина, посветеност и силна тимска работа“, истакна директорот на Бирото за јавна безбедност.
Тој упати благодарност до Мисијата на ОБСЕ, донаторската заедница, како и до Европската агенција за гранична и крајбрежна стража и нејзините стручни обучувачи за поддршката и пренесеното знаење.
„Кога споделуваме знаење, искуство и одговорност, стануваме посилни заедно. Продолжуваме да инвестираме во луѓето, знаењето и современите полициски капацитети“, порача Јанев.
