Скопје во 2027 година ќе биде домаќин на Светското првенство во танц, објави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Најавата беше соопштена за време на Европското првенство во танц, кое во моментов се одржува во македонската престолнина, а на кое учествуваат повеќе од 2.900 танчери од 26 европски земји.
Ѓорѓиевски им се обрати на учесниците и им посака добредојде во Скопје, посочувајќи дека градот во овие денови е место каде што се среќаваат различни култури, се создаваат нови пријателства и се слави љубовта кон танцот.
„Скопје денес е голема европска сцена на која се среќаваат култури, се создаваат нови пријателства и се споделува една заедничка страст – љубовта кон танцот“, порача градоначалникот.
Тој истакна дека танцот претставува универзален јазик кој ги поврзува луѓето преку талентот, дисциплината, емоцијата и посветеноста.
Според него, одлуката Скопје да биде домаќин на светскиот настан претставува значајно признание за градот и потврда дека престолнината има капацитет за организација на големи меѓународни манифестации.
„Со особена гордост најавив дека следната година Скопје ќе биде домаќин и на Светското првенство во танц, големо признание за нашиот град и потврда дека Скопје има капацитет, енергија и амбиција да биде домаќин на најголемите меѓународни настани“, напиша Ѓорѓиевски.
Според календарот на International Dance Organization (IDO), Светското првенство во модерен и современ танц е планирано да се одржи од 3 до 9 ноември 2027 година во Спортскиот центар „Борис Трајковски“.
„Добредојдовте во Скопје, во градот кој овие денови танцува заедно со Европа, а следната година ќе танцува со светот“, порача скопскиот градоначалник.
