Македонската репрезентација во кик-бокс продолжува со одличните настапи на Светското првенство за јуниори во Лидо де Јесоло, Италија.
Драгица Глигорова со победа во четвртфиналето обезбеди пласман во полуфиналето и најмалку бронзен медал, а во следната борба ќе има можност да избори и финале.
Селекторот Дејан Митровски – Урко изрази задоволство од настапите на македонските натпреварувачи, нагласувајќи дека репрезентацијата веќе има обезбедено две финалиња, две полуфиналиња и еден бронзен медал.
За златен медал ќе се борат Томи Андонов, кој во финалето ќе се соочи со натпреварувач од Србија, и Глигор Николов, кого го очекува дуел против претставник на Азербејџан.
Покрај Глигорова, во полуфиналето ќе настапи и Калин Бабоски, кој ќе се бори против противник од Казахстан за место во големото финале.
Петар Лозановски го заврши својот настап со освоен бронзен медал, додека без одличје останаа Марија Димовска, Марко Баснарков, Туркер Исмаил и Андреј Смилевски.
„Задоволен сум од досегашниот успех на сите наши натпреварувачи. Имаме две финалиња, две полуфиналиња и веќе освоена бронза. Имавме и неколку неочекувани порази, но тоа е дел од спортот. Продолжуваме со борбите за нови медали“, изјави селекторот Митровски.
Македонските кик-боксери во продолжението од шампионатот ќе имаат можност да ја збогатат колекцијата на медали со уште неколку одличја.
