Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во текот на јули и август спроведе 560 вонредни инспекциски контроли во објекти за производство на сладолед и мраз, како и во угостителски објекти кои самостојно произведуваат вакви производи за сопствени потреби.
При контролите биле утврдени бројни неправилности, поради што се издадени 140 решенија за нивно отстранување и изречени 45 парични казни во вкупен износ од 19.430 евра во денарска противвредност.
Како небезбедни, нештетно биле уништени вкупно 202 литри и килограми сладолед и мраз.
Од АХВ информираат дека кај 17 оператори било утврдено дека не се регистрирани како оператори со храна, додека 64 не извршиле задолжителни анализи на сладоледот или мразот.
Контролите покажале и дека 20 оператори имале несоодветно означување на производите, а тројца набавувале мраз од нерегистрирани добавувачи.
Кај 10 оператори биле затекнати вработени без задолжителни здравствени прегледи, додека во пет објекти инспекторите констатирале незадоволителни хигиенски и технички услови.
Дополнително, 19 оператори немале воспоставени процедури за добра производствена и добра хигиенска пракса, ниту процедури за чистење на машините за производство на мраз. Кај четири оператори недостасувала документација за следливост на производите, а кај еден било утврдено дека не се спроведени задолжителните мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација.
Од АХВ посочуваат дека инспекциските контроли ќе продолжат и во наредниот период со цел да се обезбеди безбедност на храната што се пласира на пазарот.
