Македонскиот боксер Ален Рустемовски оствари историски успех, освојувајќи бронзен медал на Европското првенство во бокс во Софија. Со ова одличје, Македонија по пауза од 20 години повторно се најде на победничкиот пиедестал во елитна конкуренција на европски шампионат.
Рустемовски имаше одличен настап на првенството, каде што забележа три победи во исклучително тешки дуели против врвни европски боксери. Во четвртфиналето ги совлада двајцата фаворити за медал, а неговата серија беше прекината дури во полуфиналето, каде што со 4:1 на поени беше поразен од украинскиот боксер Абдурајмаров.
Иако остана без финале, македонскиот репрезентативец го напушти рингот со историски бронзен медал, кој претставува едно од најголемите достигнувања за македонскиот бокс во последните две децении.
Ова не е единственото големо одличје за Рустемовски годинава. Пред Европското првенство, тој освои бронзен медал и на Медитеранските игри во Таранто, Италија, потврдувајќи ја одличната форма и континуитетот на врвни резултати.
По освоениот медал, Рустемовски им се заблагодари на сите што му давале поддршка на неговиот спортски пат.
„Пред сè, сакам од срце да им се заблагодарам на сите мои блиски луѓе кои беа тука за мене, ме поддржуваа и веруваа во мене и кога не беше лесно. Го завршив мојот настап на ова Европско првенство со бронзен медал, остварив три победи во три исклучително тешки мечеви против некои од најдобрите боксери. Во полуфиналето загубив на поени 4:1 од боксерот од Украина“, порача Рустемовски.
