Европратеникот Томас Вајц порача дека борбата против корупцијата не е само услов за членство во Европската Унија, туку пред сè прашање на доверба на граѓаните во институциите и правниот систем.
На седницата на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ – Северна Македонија, посветена на борбата против корупцијата, Вајц истакна дека ниту една земја не е целосно ослободена од коруптивни појави, но разликата е во начинот на кој институциите реагираат.
– Сите земји-членки на ЕУ се борат со корупција, ниту една членка не е совршена. И во мојата Австрија има големи случаи на корупција, но разликата е што многу богати луѓе лежат во затвор – рече Вајц.
Тој посочи пример со голем корупциски случај во Австрија, нагласувајќи дека фактот што и најбогатите лица можат да бидат изведени пред суд е важен за враќање на довербата во системот.
Според него, суштината не е само исполнување на критериумите за европска интеграција, туку создавање институции во кои граѓаните веруваат и каде што правдата важи еднакво за сите.
– Ако не можете да ги убедите граѓаните дека правдата постои за сите, тоа на луѓето им дава причина да заминат – порача Вајц.
Европратеникот предупреди дека иселувањето на младите е една од најголемите пречки за развојот на државата, бидејќи со нивното заминување се губи дел од иднината на земјата.
Тој се осврна и на Реформската агенда и посочи дека Северна Македонија треба да продолжи со унапредување на правосудниот систем и измените во Кривичниот законик, со цел да може да ги искористи средствата од европските механизми за поддршка.
– Не се работи само за парите. Треба да им служите на граѓаните со систем кој не само што е ефикасен, туку и создава доверба кај населението – истакна Вајц.
Евроамбасадорот Михалис Рокас на седницата го поздрави усогласувањето на Северна Македонија со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, како и нејзината улога како членка на НАТО.
Тој оцени дека има напредок во Реформската агенда и Планот за раст, но посочи дека за отворање на преговорите по Кластерот „Темели“ остануваат потребни дополнителни чекори.
Ирскиот амбасадор Брендан Вард порача дека проширувањето на ЕУ е важна геостратешка инвестиција и ги повика политичките партии во земјава да работат на консензус за реформите потребни за напредок во пристапниот процес.
