Повеќе контроли за боледувањата, помалку злоупотреби – ова е целта на измените што ги подготвува Министерството за здравство, порача министерот Сашо Клековски. Тој истакна дека сите предложени решенија се темелат на компаративни анализи и искуства од европски земји, а не на ограничување на правата на пациентите.
Клековски нагласи дека злоупотребите со боледувањата се сериозен проблем и посочи дека има случаи во кои лица што се на боледување објавуваат фотографии од одмор во странство или работат друга работа додека примаат надоместок.
„Не сме се споредувале со робовладетелски земји, туку со држави како Словенија, каде слични законски решенија се донесени уште додека на власт била левицата“, изјави министерот.
Тој потенцираше дека измените имаат и друга цел – да им се олесни постапката на пациентите со тешки и трајни заболувања, како што се онколошките и автоимуните болести, кај кои дијагнозите не се менуваат.
Во однос на предлогот матичните лекари без дополнителна процедура да можат да отвораат боледување до пет, наместо до седум дена, Клековски смета дека тоа не претставува казна за граѓаните.
„Постои инфлација на боледувања, дел од нив се отвораат и телефонски. Пет дена се сосема доволни за такви случаи“, рече тој.
Министерот се осврна и на најавите за контрола на лицата кои користат боледување, посочувајќи дека ваквите проверки треба да бидат законски регулирани. Како пример ја наведе Словенија, каде контролите најчесто се спроведуваат по пријава дека лице кое е на боледување престојува на одмор или извршува работни активности.
Клековски додаде дека Министерството и Фондот за здравствено осигурување остануваат отворени за јавна дебата околу предложените измени, нагласувајќи дека целта е да се спречат злоупотребите, а не да се ограничуваат правата на пациентите кои навистина имаат потреба од боледување.
