Општина Бутел обезбеди финансиска поддршка во износ од четири милиони денари за спортските клубови од општината, информираше градоначалникот Дарко Костовски.
Според него, средствата имаат за цел да придонесат за понатамошен развој на спортот, подобри услови за работа на клубовите и создавање нови спортски успеси.
„Помагаме на спортот и спортските клубови како никогаш досега. Се надевам дека и оваа финансиска помош, како и претходните години, ќе биде дополнителен поттик за клубовите и ќе помогне во создавањето нови државни, балкански, европски и олимписки шампиони“, истакна Костовски.
Тој нагласи дека спортот има значајна улога во создавањето здраво и квалитетно општество, а врвните спортски резултати придонесуваат и за афирмација на државата.
Костовски посочи дека Општина Бутел продолжува да инвестира во спортската инфраструктура и да обезбедува поддршка за спортистите и спортските организации.
„Општина Бутел е најспортска општина во Македонија, а веќе сме и лидери во спортската инфраструктура. Како градоначалник, заедно со Општината, ќе останеме цврст партнер на сите спортисти и спортски клубови. На сите им посакувам успешна работа и уште поголеми спортски достигнувања“, порача Костовски.
