Македонската фудбалска репрезентација ги започна подготовките за новите предизвици во Лигата на нации, а селекторот Гоце Седлоски во составот вклучи и едно ново име – дефанзивецот на Шкендија, Анес Мељиќи.
За младиот стопер ова е прв повик во сениорскиот национален тим, а тој не ја крие желбата да го забележи своето деби во дресот со државниот грб.
Македонија првиот натпревар ќе го одигра против селекцијата на Швајцарија, која важи за еден од најсилните противници во групата. Сепак, Мељиќи верува дека репрезентацијата има квалитет да се избори за позитивен резултат.
„Пред нас се четири тешки натпревари, но во моментов целиот фокус е насочен кон дуелот со Швајцарија. Сите знаеме за каква репрезентација станува збор, но со Божја помош се надеваме дека ќе дојдеме до добар резултат“, изјави Мељиќи.
Тој додаде дека е подготвен да ја искористи секоја можност што ќе му ја укаже селекторот.
„Се надевам дека ќе добијам шанса да настапам. Секоја минута што ќе ми биде доверена ќе ја искористам максимално и ќе го дадам својот придонес за репрезентацијата“, порача новиот репрезентативец.
