Уште еден пациент ја загуби битката со Западнонилската треска, со што бројот на починати од ова заболување се искачи на девет. Станува збор за 66-годишен пациент кој 28 дена бил хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести и се лекувал на Одделот за интензивна нега.
Директорот на Клиниката, д-р Фадил Цана, информира дека пациентот имал потврдена невроинвазивна форма на болеста и поради тешката здравствена состојба бил поставен на механичка вентилација во респираторниот центар.
Како што посочи Цана, пациентот имал и повеќе придружни заболувања, кои дополнително го зголемиле ризикот од фатален исход.
Од почетокот на сезоната, на Клиниката за инфективни болести биле хоспитализирани вкупно 66 пациенти со Западнонилска треска. Во моментов на лекување се 11 пациенти, а еден од нив е во потешка здравствена состојба.
Западнонилската треска е вирусно заболување што најчесто се пренесува преку убод од заразен комарец, а кај дел од пациентите може да предизвика тешки невролошки компликации.
