Јеменското движење Хути соопшти дека денеска извело ракетни и дронски напади врз повеќе цели во Саудиска Арабија, меѓу кои и „чувствителни локации“ во главниот град Ријад, како и објекти на нафтената компанија „Арамко“ во пристанишниот град Јанбу на брегот на Црвеното Море.
Воениот портпарол на Хутите, Јахја Сари, преку Телеграм соопшти дека во нападите биле употребени балистички и крстосувачки ракети, како и беспилотни летала. Според него, нападите предизвикале големи пожари и успешно ги погодиле планираните цели.
Од движењето наведуваат дека акцијата е одговор на, како што тврдат, воздушните напади на Саудиска Арабија врз главниот град Сана, кој се наоѓа под контрола на Хутите.
Сари истакна дека саудиските воздухопловни сили, користејќи борбени авиони Ф-15 и „Тајфун“, извеле вкупно 732 воздушни напади врз територијата на Јемен.
Саудиските власти засега не ги потврдија ниту ги коментираа тврдењата за нападите и за наводно предизвиканите пожари.
Во меѓувреме, судирите меѓу владините сили, поддржани од Саудиска Арабија, и бунтовниците Хути, кои имаат поддршка од Иран, продолжуваат во јужниот дел на Јемен. Според информации од двете страни, во последните 24 часа загинале најмалку 48 лица.
Воени претставници на јеменската влада соопштија дека во борбите животот го загубиле 17 нивни војници, додека Хутите тврдат дека загинале 31 нивен борец.
