Младите во Македонија во просек го напуштаат родителскиот дом на возраст од 30,7 години, што е значително подоцна во споредба со просекот во Европската Унија, каде младите стануваат самостојни на 26,3 години.
Според податоците на Евростат за 2025 година, најдоцна од родителите се одвојуваат младите во Хрватска, каде просечната возраст изнесува 31,5 години. По неа следуваат Грција и Словачка со по 30,9 години, како и Шпанија и Италија со по 30,2 години.
На спротивниот крај од листата се земјите каде младите најрано започнуваат самостоен живот. Во Финска просечната возраст за напуштање на родителскиот дом е 21,4 години, во Данска 21,8 години, додека во Естонија и Литванија е 22,7 години.
Во регионот, младите во Србија остануваат во семејниот дом до просечна возраст од 30,1 година, во Босна и Херцеговина до 29,5 години, а во Бугарија до 27,9 години.
Евростат забележува дека низ Европа е присутен трендот младите подолго да остануваат со родителите, а една од главните причини ја поврзува со состојбата на пазарот на трудот и можностите за вработување.
Стапката на вработеност кај младите од 20 до 29 години во ЕУ во 2025 година изнесувала 65,5 проценти. Анализата покажува дека во земјите каде младите порано се осамостојуваат, како Холандија, Данска, Германија и Шведска, вработеноста кај младите најчесто е над европскиот просек.
Од друга страна, во државите каде младите подоцна го напуштаат родителскиот дом, како Грција, Хрватска, Шпанија и Италија, стапката на вработеност е пониска од просекот на ЕУ.
Во Северна Македонија, според податоците за 2025 година, стапката на вработеност кај младите изнесувала 50,2 проценти.
