Пожарникарите од Територијалната противпожарна единица Струмица синоќа интервенирале на улицата „4 Јули“, откако загрижени родители побарале помош затоа што не можеле да стапат во контакт со својата малолетна ќерка.
Според информациите, девојчето неколку часа не одговарало на телефонските повици, а не реагирало ниту на ѕвонењето на вратата од станот, кој се наоѓал на четврти кат.
„За родителите особено вознемирувачка акција“, соопштија од ТППЕ Струмица, опишувајќи ја интервенцијата.
На местото веднаш пристигнала противпожарна екипа, која со помош на авто-скала се искачила до терасата од станот. По обезбедувањето пристап, пожарникарите успеале да ја отворат вратата и да влезат во домот.
За среќа, внатре не затекнале никаква опасност.
„Девојчето беше безбедно и едноставно спиеше во длабок сон, не слушајќи ги ниту телефонските повици, ниту ѕвонењето на вратата“, информираа струмичките пожарникари.
Интервенцијата завршила без последици, а најголемото олеснување, како што велат од ТППЕ Струмица, било за родителите, кои конечно се увериле дека нивната ќерка е добро.
