Одбраната во случајот „Онкологија“ побара од судот да утврди дали словенечките вештаци при изготвувањето на вештачењето располагале со целосните истории на болеста на пациентите или им бил доставен само дел од медицинската документација.
Адвокатот Владимир Кадиев изјави дека уште на 2 септември 2026 година поднел барање судот да го задолжи Јавното обвинителство да ги достави преводите од македонски на словенечки јазик, но, како што рече, и покрај најавите од обвинителството, тие сè уште не биле доставени.
Тој посочи дека на 1 јули 2026 година директно се обратил и до Јавното обвинителство, барајќи појаснување дали за вештачењето во Словенија бил испратен целокупниот материјал или само селектирани документи.
Според Кадиев, увидот на одбраната покажал дека бил вештачен само помал дел од историите на болеста и тоа за пократки временски периоди.
Судијката Александра Марковска појасни дека постапката за меѓународна правна помош со Република Словенија се спроведува преку Министерството за правда, согласно важечкиот меѓудржавен договор, при што документацијата се доставува на јазикот на државата што ја бара правната помош.
Јавната обвинителка Марија Ѓорѓева изјави дека целокупната медицинска документација која е дел од судскиот предмет била доставена до словенечките вешти лица.
„Сите истории на болеста со сите документи што се наоѓаат во нив, а кои се приложени како доказ во судската постапка и се дел од обвинителниот акт, се доставени на вештачење во Словенија“, истакна обвинителката.
На почетокот на денешното рочиште, судот го одби барањето на првообвинетиот Никола Васев за изземање на техничкиот советник на Обвинителството, д-р Милан Ристески.
Судијката Марковска образложи дека судот претходно го прифатил неговото учество во постапката, дека тој веќе бил испрашан за сите пациенти опфатени со обвинението и дека неговите технички извештаи се веќе изведени како доказ.
