Царинската управа доби нова поддршка од Европската Унија во вредност од 4 милиони евра, со која ќе се зајакнат капацитетите за борба против организираниот криминал, царинските измами и нелегалната трговија.
Од Делегацијата на ЕУ информираат дека поддршката опфаќа набавка на 21 возило за мобилната царинска единица, пет возила за единицата К-9, како и специјализирана форензичка опрема.
„Со зголемувањето на трговијата, се зголемува и нелегалното движење на стоки, возила и луѓе, што ги прави методите на царинска измама и шверц пософистицирани. Затоа е важно системите за царинска контрола да се зајакнат за да се спречат и откријат нелегалните активности, а истовремено да се олесни трговијата“, наведуваат од Делегацијата на Европската Унија.
Покрај опремата за теренски активности, ЕУ обезбедила и ИТ решенија кои се поврзани со надградбата на серверската просторија во седиштето на Царинската управа. Софтверските решенија овозможуваат воведување унифициран систем за управување со економските оператори, преку единствен број за регистрација и идентификација (ЕБРИ) и дигитален потпис.
Од ЕУ посочуваат дека овие дигитални капацитети ќе придонесат за побрзи и поефикасни царински процедури за компаниите, особено во трговијата со европскиот пазар.
„ЕУ е најголемиот трговски партнер на Северна Македонија, со 76 отсто од нејзиниот извоз. Побрзото движење на стоките им помага на компаниите да ги намалат трошоците и поефикасно да ги спроведуваат царинските процедури, но истовремено ги прави границите побезбедни“, велат од Делегацијата на ЕУ.
Вкупната вредност на проектите финансирани од Европската Унија за потребите на Царинската управа достигнува 25 милиони евра. Во оваа поддршка е вклучен и проектот за царинскиот терминал на граничниот премин Табановце.
Поддршката е дел од процесот на усогласување на македонските царински системи со стандардите на Европската Унија и подготовките за идно функционирање во рамки на Царинската унија на ЕУ.
