Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) во текот на август исплатил повеќе од 623 милиони денари за надоместоци за боледувања, од кои 414 милиони денари се однесуваат на породилни отсуства, соопшти директорот на Фондот, Златко Перински.
Тој истакна дека, покрај редовната исплата на средствата, институцијата има обврска одговорно да управува со системот и да воспостави механизми за контрола на исплатите.
Во таа насока, Перински најави дека до Управниот одбор ќе биде доставен предлог за измена на Правилникот за боледувања, како и нови критериуми за контрола.
„Целта е средствата да стигнат до оние на кои навистина им се потребни, но и да се спречат евентуални злоупотреби на боледувањата“, посочи Перински.
Осврнувајќи се на програмата за ин витро оплодување, директорот информираше дека од повеќе од 1.880 реализирани обиди, 237 се однесуваат на четвртиот, петтиот или шестиот обид.
Според него, измените што ги вовел Фондот во оваа област се во согласност со потребите на осигурениците и обезбедуваат поголема поддршка за паровите кои се соочуваат со проблеми со неплодност.
Перински најави и олеснување за пациентите кои добиваат рецепти од дежурните здравствени служби. Наместо рецептите да важат само до полноќ, како што е предвидено со актуелниот правилник, се предлага тие да може да се искористат во рок од 24 часа од нивното издавање.
