Премиерот Христијан Мицкоски денеска откри дел од заканите што, како што рече, ги добивал од лицето против кое Основното јавно обвинителство Куманово поведе постапка поради закани упатени преку социјалните мрежи.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека пораките содржеле сериозни закани по неговиот живот.
„Сум бил свиња и сакал да ме коле на Плоштад“, изјави премиерот, опишувајќи дел од навредите и заканите што ги добивал.
Претходно денеска, Основното јавно обвинителство Куманово соопшти дека е поведена постапка против 39-годишен жител на селото Черкези, осомничен за кривичното дело „Загрозување на сигурноста“ од член 144 став 5 од Кривичниот законик.
Според Обвинителството, осомничениот преку пораки на социјалните мрежи го навредувал и му се заканувал на претседателот на Владата.
Јавниот обвинител побарал определување мерка притвор, оценувајќи дека постои опасност од бегство, но и ризик од повторување на делото. Во соопштението се наведува дека осомничениот и претходно бил поврзуван со кривични дела од областа на насилниот криминал, меѓу кои насилство и лихварство, како и со повеќе прекршоци против јавниот ред и мир.
Обвинителството оценува дека станува збор за конфликтна личност која често влегувала во расправии, закани и физички пресметки, поради што постои реална опасност ваквото однесување да ескалира во потешки кривични дела со животозагрозувачки последици.
За кривичното дело „Загрозување на сигурноста“, Кривичниот законик предвидува затворска казна.
