Екипите на Јавното претпријатие за комунални дејности на Општина Аеродром секојдневно се на терен, спроведувајќи активности за одржување на хигиената и уредувањето на јавните површини низ општината.
Во рамки на редовните активности се косат тревниците, се чистат и уредуваат улиците и пешачките патеки, се собира отпадот, а се кастрат и средуваат дрвјата и гранките на повеќе локации.
Паралелно продолжува и акцијата за расчистување на дивите депонии, со цел создавање почиста, поуредна и поздрава животна средина за жителите на Аеродром. Од општината информираат дека комуналните екипи континуирано интервенираат на сите локации каде што има потреба.
Во тек е и поставување нови, како и обновување на постојните клупи за седење, со што се подобрува изгледот и функционалноста на јавните простори. Истовремено се реализира реконструкција на детските и спортските игралишта, со што се создаваат подобри услови за игра, спорт и рекреација.
Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, упати апел до граѓаните одговорно да го одлагаат отпадот и да не создаваат диви депонии.
„Чист и уреден Аеродром е заедничка грижа и придобивка за сите нас. Општината и комуналните служби продолжуваат секојдневно да работат на терен, но за трајно и одржливо решение е неопходно и одговорно однесување од секој поединец“, истакна Митески.
Од општината потсетуваат дека за граѓаните кои имаат поголеми количини отпад од домаќинствата, ЈП за комунални дејности нуди услуга за преземање и правилно депонирање во ЈП „Дрисла“, за минимален паричен надомест. Закажување е можно на телефонскиот број 072 270 886.
