Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска во Штип ќе ја отвори Летната школа на Заедничкиот истражувачки центар (JRC) на Европската комисија, која во наредните пет дена ќе биде посветена на теми поврзани со животната средина и Европската зелена агенда.
Во рамки на школата ќе се обработуваат прашања поврзани со проценката на квалитетот на воздухот, почвата и водата, со цел учесниците да стекнат нови знаења и практични искуства во областите кои се од големо значење за одржливиот развој и заштитата на животната средина.
Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија претставува научно-истражувачка служба која обезбедува стручна и научна поддршка при креирањето на европските политики.
Центарот има значајна улога во различни фази од процесот на донесување одлуки, обезбедувајќи научни анализи, истражувања и експертиза од повеќе научни дисциплини, со што придонесува за развој на политики засновани на научни докази.
