Драматичен инцидент се случил во близина на граничниот премин Блаце, каде полициски службеник бил повреден при акција против криумчарење, откако бил нападнат и влечен со возило за време на обидот за приведување на осомничени лица.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, на 12 септември околу 17:15 часот, полициски службеници од Регионалниот центар Север – Одделение за прекуграничен криминал и миграции, во правец од Граничниот премин „Блаце“ кон Скопје, кај местото викано „Вражји вир“, забележале товарно возило „Фолксваген транспортер“ со странски регистарски ознаки.
При контролата било утврдено дека возилото превезувало разновидна криумчарена стока. Возачот не застанал на дадениот знак од полицијата и продолжил со движење, но по кратко време бил запрен.
За време на обидот за негово приведување, на местото пристигнало друго возило, од кое излегло лице што физички нападнало еден од полициските службеници.
Во инцидентот, едно од лицата го фатило полицаецот за раката, по што тој бил влечен со возилото управувано од друго лице. По кратко време бил пуштен, паднал на коловозот и се здобил со повреди.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат сите неопходни мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на одговорноста на инволвираните лица.
