Големиот пожар на хрватскиот остров Брач гори веќе трет ден, а пожарникарите предупредуваат дека неговото целосно гаснење ќе биде можно само доколку заврне дожд.
Началникот на противпожарната служба на Брач, Никола Мартиниќ Драган, изјави дека состојбата е подобра во споредба со претходната ноќ, но пожарот сè уште не е ставен целосно под контрола.
„Ситуацијата е подобра од синоќа. Поголемиот дел од теренот го држиме под контрола, а со помош на копнените и воздушните сили брзо реагираме каде што повторно ќе се разгори огнот“, изјави Мартиниќ Драган.
Тој нагласи дека силниот ветер и натаму им создава сериозни проблеми на пожарникарите.
Според досегашните проценки, огнената стихија зафатила повеќе од 3.000 хектари борова шума, макија, ниска вегетација и тревни површини.
Пожарникарите предупредуваат дека временските услови не им одат во прилог, бидејќи се очекува ветерот да продолжи, а во наредните денови нема најави за дожд.
„Пожар од ваков обем практично може целосно да се изгасне само кога ќе падне дожд. До тогаш ќе мора со денови да работиме на негово локализирање и санација на теренот“, истакна Мартиниќ Драган.
Главниот противпожарен командант на Хрватска, Славко Туцаковиќ, по хеликоптерскиот увид изјави дека состојбата е подобра од претходниот ден, но дека пожарот сè уште не е ставен под целосна контрола.
Тој посочи дека најголем проблем претставува западниот дел од пожарот, каде што ветерот постојано го разгорува огнот, додека куќите засега не се директно загрозени.
Во гаснењето учествуваат 174 пожарникари со 53 противпожарни возила, а од воздух им помагаат противпожарни авиони „Ер Трактор“ и „Канадер“.
